Еден Палестинец е убиен, а меѓу шест и осум лица се повредени во денешните гранични судири со израелски војници, соопшти Министерството за здравство во Појасот Газа.

Портпаролка на израелската армија изјави дека околу 5.000 Палестинци учествувале во протести на различни места по должината на границата. Тие фрлале со камења и експлозиви по војниците, кои одговориле со мерки за растерување толпи, а во некои области пукале со боева муниција.

Пред една недела израелски војници убија четворица Палестинци во судирите на границата со Газа.

Палестинските милитантни организации во граничата зона се заканија со тежок одговор ако денеска има загинати.

Според израелската полиција, денеска Палестинците повторно фрлале пламени балони преку границата кон Израел пред почетокот на протестот. Во последните месеци, таквите запалени балони постојано предизвикуваат пожари во граничната област.

Од крајот на март, 245 Палестинци беа убиени во протестите на границата со Газа, а илјадници беа повредени, објави Министерството за здравство во Газа. Во истиот период се убиени двајца израелски војници.

Демонстрантите инсистираат палестинските бегалци да добијат право да се вратат во своите земји, кои ги напуштиле по создавањето на Израел во 1948 година Тие сакаат исто така да се стави крај на блокадата на палестинската територија на брегот на Средоземното Море, поддржана од Египет, која трае повеќе од една деценија. Израел и Египет ја оправдуваат блокадата со безбедносни причини.

Во Газа, каде што има недостиг на вода за пиење и електрична енергија, во тешки услови живеат околу два милиони луѓе. Таму владее партијата Хамас, која ЕУ, Израел и САД ја сметаат за терористичка организација.

Еврејската држава се брани од обвинувањата дека користи прекумерна сила, со тоа што го обвинува исламистичкото движење Хамас дека мобилизацијата на Палестинците ја користи како покритие за „терористичка активност“.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2018 03:29