По синоќешната трагедија во прилепската населба Тризла кога 36 годишен прилепчанец со неколку убоди со нож ја убил својата пријателка, 33 годишната прилепчанка Евгенија Г.И., се уште владее чувството на шокираност. Особено помеѓу соседите на улицата „Круме Волнароски“.

Според прилепското основно јавно обвинителство, се се случило синоќа, во периодот од 21,30 до 22 часот. Во овие моменти во прилепскиот основен суд, судија решава по предлогот на обвинителството за изрекување на притвор за осомничениот прилепчанец.

Илчо Јакимоски, сосед на 36 годишниот осомничен Христијан Конески, ни изјави дека е зачуден зашто Конески го знаел како добар, мирен човек кој не бил насилен. Не знаел што се случува во куќата наспроти него, но откако му се јавил друг сосед, излегол надвор.

– Не знам што се случувало во куќата. Јас бев дома. Соседот ми се јави и ми рече дека пред нашата порта има полиција и возило на Итната помош. Го видов како полицајците го изнесуваа надвор. Ми изгледаше дека беше под дејство на алкохол и на полицајците им велеше: „Дајте, да се поздравам со соседот!“ По се изгледаше дека ништо не се сеќава. Беше добро дете. Никогаш не беше насилен. Татко му е починат, мајка му моментално е во Австралија, тој живееше со баба му, рече Јакимоски.

Јакимоски својот сосед не го познава како оној што премногу пие, но нешто се случиувало последната недела. Со прилепчанката Евгенија, која има 10-годишно дете бил во врска околу две години.

– Порано, можеби, како секој човек пиеше. Во последно време не. Но, од пред една недела, како што слушнав од неговите другари, почнал да пие. Никој не знае што се случило меѓу нив двајцата. Тие беа дечко и девојка околу две години. Таа доаѓаше кај него, тој ја посетуваше. Според моите сознанија, детето пријавило во Итна помош, а веројатно оттаму се јавиле во полиција. наводно тој му рекол на детето да се јави во итна помош. Трагедија е голема, вели Јакимоски, додавајќи дека вчера, претходно Христијан со другар биле на бербер, а потоа во аптека да си земе некои лекови.

Како што информира Ристо Шошески, јавен обвинител во приелпското основно јавно обвинителство во моментов осомничениот е кај судија во основниот суд во Прилеп.

– Кај судијата е на претходна постапка каде се одлучува за мерката притвор што ние, како основно јавно обвинителство ја предложивме. Ќе се врши обдукција на телото на жртвата за да се утврдат причините за смртта, вели Шошески



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2018 15:35