По едногодишна пауза, македонскиот музичар, композитор и продуцент Кирил Џајковски повторно се враќа на музичката сцена. Неодамна беше промовиран и неговиот најнов сингл „Reminder“ за кој е изработен и видео запис. Песната „Римајндер“ е прва соработка на нашиот композитор со познатиот реге артист, вокалистот Дејвид Лајон и претставува фузија на Балкан Бит, звукот на glitch-hop и реге влијанијата.
Како што најавува Кирил, соработката со Лајон е само почеток, а ова издание под етикетата на „Филтер Лејбл“ е само прво од низата синглови што ќе бидат допрва објавени во претстојниот период. Вокалистот Дејвид Лајон е веќе дел од концертниот бенд на Кирил и заедно најавуваат засилени концертни активности.
– Отсекогаш сум ја сакал комбинацијата на реге/даб влијанија и електронската музика, што е и очигледно од моите претходни соработки со Рас Твид (Крудер и Дорфмајстер) и Гето Прист (Ејжан Даб Фаундејшн). Дејвид исто доаѓа од реге сцената, признат кантавтор кој редовно настапува со свој придружен бенд на европските музички фестивали. Една од неговите главни одлики е што над се е одличен пејач, но и многу добар рапер, комбинација која перфектно одговара за моите концертни настапи и идеално се вклопи во авторската соработка на мојот нов музички материјал. Неговиот вокален стил се движи меѓу мелодичниот реге и поинтезивниот рага/денсхол израз. Видеото за синглот го изработи една млада и талентирана продукциска фирма НУЛА ТВ од Софија, Бугарија. Целокупната продукција се реализираше на еден од филмските сетови во Софија и целата екипа на чело со режисерот Деметриј Василев со многу ентузијазам и целосна посветеност сними еден атрактивен и амбициозен видео спот со импресивна фотографија зад која стои еден извонреден македонски директор на фотографија Ненад Бороевиќ , вели Џајковски.
Кирил заедно со Дејвид веќе работат на новиот материјал кој ќе биде презентиран годинава, а вокалистот ќе настапува заедно со нашата ѕвезда и на неговата претстојна летна турнеја.
За време на новогодишната ноќ, Џајковски имаше целовечерен настап на плоштадот во Шибеник пред неколку илјади луѓе. Тој досега има настапувано многупати низ Хрватска, но првпат во Шибеник. Настапот во Шибеник меѓудругото е и прва концертна промоција на новиот сингл и видеото што излезе пред Новата година и е прв во низата кои ќе следуваат. Со концертниот бенд на Џајковски, настапи и реге артистот Дејвид Лајон.