Локалните власти на Неапол најавија деја се подготвени да му се спротивстават на италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини и да примат хуманитарен брод со 32 мигранти, кој е блокиран во Средоземното Море додека беснее бура.
Градоначалникот на Неапол, Луиџи де Магистрис изјави дека Салвини со своите политички ставови се поигрува со човечките животи.
– Да се остават луѓето и децата сред студеното и бурно море, не само што е непристојно, неморално и страшно, туку е и злосторство, изјави Де Магистрис, кој на функцијата е избран како кандидат на партиите на левиот центар.
Тој изрази надеж дека бродот ќе се приближи до неаполското пристаниште, бидејќи, според него, за разлика од тоа што го говори Владата во Рим, властите на Неапол ќе отпочнат спасувачка операција и ќе го пушти во пристаништето.
– Јас прв ќе го поведам спасувањето, порача градоначалникот на Неапол.
Најавата на Де Магистрис претставува провокација за крајно десничарската Лига на Салвини, која вети дека ќе забрани влез на мигранти во Италија и ќе им го отежне животот на оние кои веќе влегле во земјата.
Салвини денеска на градоначалниците кои им помагаат на илегалните мигранти им се закани со правни мерки.
Италија и Малта одбиваат да го примат бродот „Си воч 3“, со кој управува германска невладина организација и кој превезува мигранти спасени крај брегот на Либија на 22 декември.
Двете земји наведуваат дека примиле премногу мигранти и ги обвинуваат спасувачките бродови на невладините организации дека дејствуваат како „такси-служба“ за мигранти, кои сакаат да добијат статус на бегалци.
Неапол е стотина километри оддалечен од позицијата на која во моментов се наоѓа „Си воч 3“, но засега од бродот нема одговор на понудата на градските власти.