Британската армија почна кампања за регрутирање во која ги повикува „снегулките, милениумците и зависниците од селфи“ да се приклучат во нејзините редови.

Како што јави Би-Би-Си, новите постери се дизајнирани така што потсетуваат на оние од Првата светска војна и ќе се појават на билборди низ цела Британија.

Кустосот на Воениот музеј на британската империја Алекс Волтон, изјави дека постерот на британскиот државен секретар лордот Херберт Киченер, на кој потсетува новиот дизајн, никогаш не е користен како официјален постер на Владата за регрутација во Првата светска војна.

Постерот, односно сликата на лордот Киченер, со порака „Потребен си и на својата земја“, првпат се појави на насловна страница на списанието „Лондон онионс“ во септември 1914 година.

Покрај постерот, британската армија, во рамките на кампањата насловена „Ова е припадност“, подготви и спотови во кои се појавуваат млади луѓе кои се чувстуваат потценето на своите работни места.

Волтон смета дека кампањата е исклучително модерна и оти ги следи трендовите во согласност со одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна.

Изразот „милениумци“ се користи за генерациите родени од раните 1980-ти години, па до првите години од новиот милениум.

Жаргонскиот израз „снегулки“ (snowflakes) се однесува на генерацијата од втората декада од 21 век која за себе има неоправдано високо мислење, лесно се навредуваат и психички се помалку отпорни на предизвиците на реалноста, потсетува Би-Би-Си.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2019 13:43