Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер побара од префектите во Франција „решително“ да ги применуваат одредбите на новиот закон за азил, што стапи во сила на 1 јануари, со цел да се забрзаат постапките за екстрација на лицата на кои им е одбиено барањето за азил, јави дописникот на МИА.

Во писмо испратено до префектите и до раководителите на полицијата и националната жандармерија, Кастанер потсетува дека новиот закон ги заострува условите за стекнување на право за останување на територијата на Франција за некои баратели на азил, особено за оние што доаѓаат од безбедни земји на потекло.

– За оние што се одбиени, мора да ја преземете обврската да ја напуштат територијата (на Франција) согласно одлуката на ОФПРА (француското Биро за заштита на бегалци и лица без државјанство), наведува Кастанер во писмото.

Тој во писмото потсетува на различните аспекти на законот и бара од префектите „решително“ да ги применуваат одредби што „претставуваат главен елемент на реформата, како домашниот притвор или задржување во специјалните центри за засегнатите лица“.

Новиот закон овозможува продолжување на максималната должина на мерката притвор за одбиените баратели на азил на 90 дена, наместо досегашните 45, со цел да се обезбедеат потребните документи за екстрадиција на овие лица во земјата од која потекнуваат.

– Вашата вклученост во ова е суштински услов за успех на реформата, се наведува во писмото.

Досега, ако одбиениот барател на азил поднесеше жалба на решението до Националниот суд за баратели на азил, постапката за негова екстрација се одлагаше до завршување на процесот. Но, со новиот закон, за да запре процесот на екстрадција одбиениот азилат мора да покрене посложена судска постапка пред Управниот суд, кој сега е надлежен за одлагање на протерувањето. Оваа измена наиде на силни критики од страна на здруженијата за заштита на странците.

Новата законска мерка се однесува и на македонските државјани кои бараат азил во Франција, исто како и за граѓаните на сите држави од Балканор, бидејќи тие, како и Македонија, се сметаат за „безбедни земји“.

Во 2017 година албанските државјани со вкупно 7.633 барања за азил беа најбројни Европејци кои аплицираа за азил во Франција,

Во исто време, Македонија со 595 апликации за азил е трета на листата на европските земји чии државјани барале азил во Фрација. Ако на ова се додадат и 445 малолетни апликанти од Македонија, вкупната бројка на македонски државјани кои побарале азил во Франција во 2017 година изнесува 1.118. Од сите баратели на азил од Македонија во 2017 година, дозвола за останување во Франицја добиле само пет жени.

Барањата на азил на државјаните од Македонија се разгледуваат во скратена постапка и со новите законски измени, таа постапка ќе биде уште побрза од досегашната.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2019 19:18