Повеќе лица се убиени во пукање во куглана во близина на Лос Анџелес, соопшти денеска локалната полиција.

– Имаме информации за пукање со повеќе жртви, соопшти на Твитер полицискиот оддел во градот Торанс.

Полицијата информира дека истрагата е во тек и ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа.

Пукањето се случило во „Гејбл Хаус Боул“во Торанс, крајбрежен град на околу 30 километри јужно од Лос Анџелес.

„Лос Анџелес тајмс“ објави дека членови на семејства се собрале на местото на настанот барајќи ги своите најблиски, и чекаат информации од полицијата.

Во ноември, вооружен напаѓач отвори оган во преполн бар за кантри музика во пошироката област на Лос Анџелес, при што уби 12 лица, а потоа се самоуби.

Полицијата во градот Таусанд Оукс го идентификуваше напаѓачот како 28-годишен поранешен маринец.

Тоа убиство се случи помалку од две недели откако еден 46-годишен човек уби 11 луѓе во синагога во Питсбург. Осомничениот напаѓач е обвинет по 44 точки, вклучувајќи и религиозни злосторства од омраза, и ако биде осуден може да добие смртна казна.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2019 13:42