САД го уапсиле рускиот државјанин Дмитриј Макаренко во Сајпан на Северните Маријански острови и го префрлиле на Флорида, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

Москва чека Вашингтон да ги објасни причините за неговото апсење, соопшти Министерството и додаде дека Макаренко бил уапсен на 29 декември.

– Рускиот државјанин Дмитриј Викторович Макаренко, роден 1979 година, допатувал на островот Сајпан (Северни Маријански острови) на 29 декември заедно со сопругата, мали деца и родителите. Го уапсиле агенти на ФБИ на аеродромот веднаш по пристигнувањето, стои во соопштението.

Руската Амбасада во САД продолжува да бара конзуларен пристап до Макаренко, кој според конвенцијата за конзуларни односи, требало да биде одобрен до 2 јануари.

Заменикот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков претходно изјави дека Русија не е подготвена за размена на Пол Велан, поранешен американски маринец кој беше уапсен неодамна во Москва под сомнение дека е шпион.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2019 14:08