Во Будимпешта денеска се одржуваат антивладини демонстрации под слоганот „Национален протест против робовските закони“.
На протестите, кои се организирани преку социјалната мрежа Фејсбук, им се приклучија членови на опозициските партии, синдикати и невладини организации.
Демонстрантите се собраа на плоштадот извикувајќи: „Не сакаме да бидеме робови“ и „Фидес мафија“.
Од владејачката партија Фидес тврдат дека настанот е дел од предизборната кампања за избори на Европскиот парламент на американскиот милијардер Џорџ Сорос.
– Сорос сака да ги зајакне проимиграциските сили и ги мобилизира партиите и организациите да ги напаѓаат владите кои се против миграцијата, изјави портпаролот на Владата, Балаж Хидвеги.
На плоштадот кај унгарскиот Парламент, како што е најавено, треба да се обратат повеќе од 15 говорници.
Со новиот закон за работа, на работодавачите им е дозволено да бараат и до 400 часа прекувремена работа годишно, поради што критичарите го нарекоа „закон за робови“.