Министерството за внатрешни работи соопшти дека на собирите ширум Франција во 15 часот имало 25.000 „жолти елеци“, а состојбата беше затегната во Париз, но и во други француски градови, јави дописникот на МИА.

Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, преку Твитер, повика на „одговорноста и на правото” по инцидентите кои се случија на манифестациите во Париз и другите градови.

– Во моментот кога има тензии и насилство во Париз и во некои други агломерации, јас ги свикав одговорните и претставници на силите на безбедноста на видео конференција во Министертсвото за внатрешни работи, при што ги повикав сите на одговорност и почитување на правото, напиша Кастанер на Твитер.

Во Париз имаше најмалку 4.000 лица кои излегоа да демонстрираат со жолти елеци. Откако се собраа во 14 часот на плоштадот пред градското собрание на Париз, тие се упатија кон Националното собрание, при што се блокирани на кејот на Сена, каде се судрија со силите на редот, при што потешко беше повреден еден припадник.

Потоа демонстрантите заминаа на булеварот „Сан Жермен“, каде запалија повеќе моторцикли, додека на „Шанзелизе“ имаше тензии.

Тензии исто така беа регистрирани во Нанси, Троа, Бове, Рен, Нант и Руан. Две оклопни возила и два водени топови биле стационирани пред градското собрание на Бордо, откако претходните протести во овој град завршуваа со насилни судири со полицијата.

Ова е осма сабота на мобилизација на движењето „Жолти елеци“ и иако има знаци на намалување на мобилизацијата, сепак, движењето не запира.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2019 21:59