Европската Комисија попладнево ќе ги брифира амбасадорите на земјите членки на ЕУ за состојбата и ја поздрави пораката на Папата Франциско, јави дописничката на МИА од Брисел.

49 мигранти сѐ уште се заглавени на два хуманитарни брода во Медитеранот, “Си Воч 3“ и “Си Ај“, а договор помеѓу земјите членки на ЕУ за распоредување на лицата и натаму нема.

Европската Комисија, која посредува во овој спор помеѓу земјите, изутринава порача дека била “во интензивен контакт“ со земјите членки во текот на викендот е дека “напорите за изнаоѓање решение за бродовите продолжуваат“.

Бродовите добија дозвола за вкотвување на Малта, а одобрено е доставувањето храна и други потребни предмети, но мигрантите не смеат да излезат од бродот, бидејќи Малта не сака да ги прими, исто како и Италија и Шпанија.

Германија, Холандија и Франција порачаа дека ќе прифатат некои од мигрантите да бидат распределени на нивна територија, но само доколку тоа се случи во рамки на “солидарен напор“ во ЕУ, односно ако и други земји членки прифатат.

Европската Комисија ќе ги информира амбасадорите на земјите членки при ЕУ за состојбата, додека еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос ги повикува земјите да “придонесат во заедничките напори“.

-Повеќе солидарност од земјите членки е потребна, и оваа ситуација покажува повторно дека предвидливо и одржливо решение е итно потребно за Медитеранот, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас.

Европската Комисија топло го поздрави и повикот на римскиот Папа во недела до земјите членки на ЕУ да ги примат мигранти заглавени на бродовите.

Европските земји сѐ уште не можат да се договорат за комплетна реформа на системот на азил и заеднички пристап кон миграциските предизвици. Додека некои земји бараат солидарност, други целосно одбиваат да прифатат мигранти на своја територија.

ЕК порача дека се надева дека реформата на миграциската политика на ЕУ ќе биде завршена пред претстојните избори за Европски Парламент во мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2019 04:51