Премиерот на француската Влада Едуар Филип се очекува вечерва да објави мерки за воспоставување на „јавниот ред“ за справување со насилството, јави дописникот на МИА.

– Соочени со неприфатливо насилство кое продолжува во земјата, Владата има намера да се прикаже многу поостра и да го промени својот систем на одржување на јавниот ред. Ова се чувствителни прашања за кои премиерот одржа консултации и ќе ги соопшти оваа вечер, соопшти канцеларијата на францускиот премиер за АФП.

Во саботата протестите на „жолтите елеци“ беа одбележани со упад со градежна машина во просториите во кое се наоѓа Министерството за односи со Парламентот и на портпаролот на Владата, Бенжамин Гриво во Париз, но, исто така, и во градското Собрание на Рен и основниот суд Перпињан.

Портпаролот Гриво беше евакуиран од неговото министерство, откако група демонстранти навлегоа во дворот на министерството, при што оштетија повеќе автомобили паркирани таму. Но, демонстрантите не влегле во просториите на министерството.

– Немаше контакт со демонстрантите. Бев во мојата канцеларија. Мојот офицер за безбедност ми рече: „Министре, треба да заминеме“. Бевме ставени на безбедно, не само јас, туку и мојата екипа, моите тимови, рече портпаролот на Владата.

– Не сум јас што бев нападнат, тоа е Републиката, тоа се нашите институции. Оние кои влегоа тука, денес се ставија надвор од Републиката. Се надевам дека ќе ги најдеме. Оние кои сакаат да го радикализираат движењето секогаш ќе се соочат со Републиката која стои исправено, оцени државниот секретар.

На прашањето на БФМ ТВ, заменик-претседателот на партијата на Републиканците (десница поранешна УМП), Дамиан Абад го осуди нападот на министерството, но го критикуваше Бенжамин Гриво за кој рече дека „фрли масло на огнот“, со своите забелешки против демонстрантите.

– Портпаролот сакаше да го разгори огнот и да игра на картата на карикатура, кога треба да се делува смирувачки, мирно, и пред се Французите да се соземат, така што Франција ќе се врати на своето место, рече овој пратеник од Ен.

По советот на министрите во петокот, Бенжамин Гриво изјави дека лицата кои што продолжуваат да демонстрираат во движењето на „жолтите елеци“, се „агитатори“, поттикнати од желбата за соборување на Владата.

Минатата сабота вкупно имаше околу 50.000 „жолти елеци” кои се мобилизираа по осми пат. Во Франција, притоа на повеќе места имаше инциденти и судири со полицијата (наспроти 32.000 во саботата на 29 декември).

„Жолтите елеци“ се покажаа нечувствителни на отстапките на извршната власт и најавената голема национална дебата која ќе се отвори во средината на јануари.

Министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер ги повика „сите на одговорност и почитување на законот“ по инцидентите во неколку градови.

За време на инцидентите имаше насилство од страна на демонстрантите, но исто така и од страна на силите на редот.

Претседателот Емануел Макрон го осуди „екстремното насилство“ кое „ја нападна Републиката“ за време на демонстрациите.

– Уште еднаш, екстремното насилство дојде да ја нападне Републиката – нејзините чувари, нејзините претставници, нејзините симболи. Оние кои ги извршуваат овие дела го забораваат срцето на нашиот граѓански пакт. Секој ќе треба да се соземе за да се спроведе добра дебатата и дијалог, напиша францускиот претседател на Твитер.

Ова беше осма сабота на мобилизација на движењето, кое очигледно нема да прекине само по себе и покрај засилената репресија и евакуацијата на кружните текови. Напротив движењето за време на новогодишните празници се засили.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2019 05:25