Владата на Украина поднесе до Европскиот суд за човекови права тужба против Москва поради кршење на правата на украински морнари, кои беа уапсени по инцидентот во Керчанскиот теснец, изјави украинскиот заменик-министер за правда, Иван Лишчина.

-Владата на Украина ги исполни инструкциите на судот и на 7 јануари 2019 година, поднесе полноправна пријава за предметот со број 55855/18, напиша Лишчина на Фејсбук.

Како што наведе, Владата на Украина бара од Европскиот суд за човекови права да го осуди како нелегално затворањето на 22 украински морнара и двајца членови на Службата за безбедност на Украина (СБУ) во казнени установи на Руската Федерација и кривично гонење по притворање поради наводно нелегално преминување на руската граница.

Претходно, Министерството за правда на Русија го информираше Европскиот суд за човекови права, каде се наоѓаат украинските морнари, каков им е пристапот до правна помош, каква е нивната здравствена состојба и наведе дека тие немаат забелешки на третманот.

Руските морски сили на 25 ноември 2018 година, во Керчанскиот теснец запленија три украински воени бродови и го уапсија екипажот со образложение дека ги нарушиле руските територијални води.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2019 11:11