Невообичаено, четири „дами на ноќта“ решиле по легален пат да заработуваат во Македонија. И наишле на проблем. Планот бил еден месец, заклучно со 14 – ти јануари да ги забавуваат гостите во ресторанот „Баци“ во Боговиње.
За таа цел, газдата на угостителскиот објакет до Министерството за економија доставил кратка биографија на изведувачките, план и програма за активностите, како и листа на претходни активности. Приложил и доказ за платена такса од 50 денари, како и копија од патна исправа и решение за упис во трговскиот регистар.
Ова било доволно, за да се убеди министерот за економија да дозволи увоз на дефицитарните танчерки и да удри потпис на барањето.
Министерство за економија:
Министерството за економијаа оваа согласност ја издава врз основа на доставената документација, без притоа да изврши увид и проценка на уметничките и стручните квалитети на странците за креативните услуги кои ги даваат, односно извршуваат во угостителските објекти во Република Македонија, ниту пак во нивниот придонес и значењето на културата во државата од која доаѓаат.“
Но, според информациите на Алсат М забавата на домашните посетители ја расипало Министерството за внатрешни работи. Неофицијално, полицијата била против некои од изведувачките да добијат зелено светло за работа. Од МВР молк за случајот. Прашавме и во Агенцијата за вработување. Таму се регистрирани, само три од четирите изведувачки.
Агенција за вработување:
Врз основа на добиената согласност од Министерството за економија, надлежниот центар за вработување ја регистрирало работата на лицата, освен за едно лице, за кое нема податоци.“
Странските изведувачи, своите креативни услуги може да ги даваат најмногу до 30 дена во една календарска година. Ако се работи за угостителски објект, потребна е согласност од Министерството за економија. Така вели Законот за вработување и работа на странци.
Токму Полошкиот регион е во фокусот на полицијата, која често пати знае да се пофали со ноќен лов на странски пејачки и танчерки поради злоупотреба на туристичкиот престој. Мистеријата со дамите на ноќта пазарени за ресторанот Баци, најверојатно ќе ја расчисти полициски билтен.