Шефот на израелската безбедносна агенција Шин Бет, Надав Аргаман предупреди дека една странска земја „има намера да интервенира“ на општите избори во Израел, закажани за април годинава.

– Во овој момент не можам да кажам во корист на кого или против кого (е мешањето), но знам за што зборувам, изјави Аргаман на собир на Универзитетот во Тел Авив.

Аргаман истакна дека мешањето се очекува да се спроведе преку кибер напади и хакери.

Во соопштение на Шин Бет се вели дека службата е подготвена да се справи со обидите за странско мешање во изборите.

– Израелската безбедносна агенција сака да појасни дека Државата Израел и разузнавачката заедница имаат алатки и способност за лоцирање, следење и спречување на обидите за странско влијание, ако ги има. Израелскиот одбранбен систем има способност да овозможи демократски и слободни избори во Државата Израел, се вели во соопштението на Шин Бет.

Русија ги отфрли шпекулациите во израелски медиуми дека таа е државата за која зборува Аргаман.

– Русија никогаш не се мешала во избори во која било земја и нема планови да го прави тоа и во иднина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. – Не ги читајте овие израелските медиуми, додаде тој.

Кремљ беше обвинет за мешање во американските претседателски избори во 2016 година и во референдумот во Велика Британија за напуштање на Европската унија. Голем број европски земји, исто така, ја обвинија Москва дека се обидува да се меша во нивните анкети.

Изборите во Израел се закажани за 9 април.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2019 13:22