Италијанскиот заменик – премијер Матео Салвини остро го отфрли договорот за спасените мигранти за кој посредуваше Европската унија, и рече дека тоа ќе ги охрабри трговците со луѓе.

Според договорот кој го објави премиерот на Малта Џозеф Мускат, европски држави, вклучувајќи ја и Италија, ќе ги примат 49-те мигранти кои уште од декември се наоѓаат на приватни спасувачки бродови, откако тие прво ќе пристигнат на Малта. Покрај тоа, тие ќе примат и поголем број од 249 бегалци кои веќе се наоѓаат на Малта.

Салвини за време на посетата на Полска изјави дека е апсолутно против доаѓањето на нови мигранти во Италија, што е спротивно на ставот на италијанскиот премиер Џузепе Конте.

Салвини е министер за внатрешни работи, лидер на десничарската анти-имигрантска Лига, една од двете коалициски партии во италијанската Влада. Конте рече дека доколку Италија прими околу 15 спасени деца и нивните родители, тоа нема да направи „дамка“ на земјата поради прифаќање на мигрантите кои ги спасиле приватни бродови.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2019 16:27