Италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини денеска изјави дека заедно со Полска ќе работи на создавање на „нова европска пролет“, во настојувањата да изгради алијанса со полските владејачки популисти воочи мајските избори за Европскиот парламент.

– Во Европа секогаш се зборувало за француско-германска оска. Ние се подготвуваме за нова рамнотежа и за нова енергија во Европа. А, Полска и Италија ќе бидат протогонисти на таа нова европска пролет, на таа преродба на европските вредности, истакна Салвини на заедничката прес-конференција со полскиот министер за внатрешни работи Јоахим Бружињски.

Салвини наведе дека некои луѓе во Брисел го негираат „јудејско-христијанското потекло“ на Европа, а преродбата што тој ја планира ќе го промени тоа.

Тој посочи и дека ќе работи на намалување на бирократијата во Европска унија, како и оти ќе се фокусира на обезбедување на своите граници од мигрантите.

– Европа, која ќе биде родена во јуни ќе има поинаков ритам во споредба со денешната, која ја предводат бирократи, потенцира Салвини.

Бружињски истакна дека ги отфрла обвинувањата дека Владата на Полска и на Италија се стремат кон напуштање на ЕУ, додавајќи оти нивната цел е „вршење влијание врз изгледот на заеднички, европски дом“.

Салвини се сретна и со лидерот на полската владејачка партија на Јарослав Качински, Право и правда.

Партијата Лига на Салвини и Право и правда се антиимигрантски партии кои го критикуваат начинот на кој функционира ЕУ.

И италијанската и полската популистичка Влада се во судир со Брисел поради стремежот за поголем национален суверенитет. Варшава е во судир со ЕУ поради измени на полскиот правосуден систем, додека Рим води битка со Брисел поради буџетските трошоци.

Изборите за новиот состав на ЕП, што ќе се одржат од 23 до 26 мај се повеќе наликуваат на битка помеѓу либерланите проевропски сили, меѓу кои е и францускиот претседател Емануел Макрон и популистичките евроскептици, кои ги претставува Салвини и ултра десничарските лидери, меѓу кои е и лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2019 00:59