Вработен (40) во охридската Противпожарна служба утрово нападнал неколкумина негови колеги и е осомничен дека извршил неколку кривични дела, соопштија од Јавното Обвинителство.

Оттаму наведоа дека откако влегол во простории на Територијалната противпожарна единица во Охрид, тој со дрвен стап нападнал негов колега, удирајќи го во пределот на главата. Притоа на оштетениот му нанел тешки телесни повреди од животно загрозувачка природа.

– Продолжувајќи кон дворот на противпожарната служба, осомниченото лице се сретнало со друг колега кого исто така го нападнал со удари. Од силината на ударите вториот оштетен паднал на снегот, по што сторителот упорно продолжил со клоци да му нанесува повреди по телото. По тоа, осомничениот избегал од местото на настанот. Подоцна се јавил и на службениот телефонски број 193 и им се заканувал на колегите со што ја загрозил нивната сигурност, се вели во соопштението.

Поради стореното, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела – Тешка телесна повреда, насилство и загрозување на сигурноста.

– Јавниот обвинител ценеше дека постојат опасности осомниченото лице да го повтори кривичното дело, да се даде во бегство и да влијае врз сведоците, поради што до судија на претходна постапка во Основниот суд Охрид достави и Предлог за определување на мерката притвор, неведуваат од ЈО.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2019 01:39