Во јужниот дел на Италија денеска пристигнаа 51 мигрант, меѓу кои и жени и деца, иако италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини најави дека пристаништата се затворени.
Италијанското Министерство за внатрешни работи наведува дека тоа е прво пристигнување мигранти оваа година.
Италијанските медиуми јавија дека жителите во Калабрија утрово во 4 часот слушнале викотници на мигранти, чија едрилица се превртела неколку метри од брегот. Меѓу нив биле шест жени и четири деца, од кои едно неколкумесечно бебе.
Полицијата приведе двајца мажи за кои се сомнева дека се организатори на илегалниот превоз на мигранти .
Во Италија минатата година пристигнаа 23.370 мигранти, од кои 13.000 од Либија, а останатите од Тунис, Турција и Алжир.
Илегалните мигранти кои доаѓааат преку Турција често се на бродови со кои управуваат украински и руски шверцери на луѓе, кои во текот на ноќта ги истовараат во јужниот дел од Италија.
Од 1 јуни минатата година, кога лидерот на италијанската антимигрантска Северна лига, Матео Салвини ја презеде должноста министер за внатрешни работи, Министерството регистрираше 9.930 мигранти на италијанскиот брег, што е голем пад во однос на 2017 година. Дневно во просек пристигнуваат по 44 мигранти.