Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека САД имаат огромен успех во трговските преговори со Кина, само еден ден откако американски и кинески официјални лица го завршија тридневниот состанок во Пекинг.
– Преговараме со Кина и имаме огромен успех, изјави Трамп додека ја напушташе Белата куќа на пат кон мексиканската граница, во услови на 20 дена делумна блокада на американската влада.
Тој не ја образложи својата изјава, туку само додаде дека дознал оти Кина на повеќе начини е „многу почесна“ отколку лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер и претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.
Состаноците во Кина се први директни разговори откако Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг се сретнаа во Буено Аирес во декември кога договорија 90-дневно „примирје во трговската војна“, која го наруши тек на стоки во вредност од стотици милијарди долари.