Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го откажа учеството на Светскиот економски форум во Давос, каде што првично планираше да патува кон крајот на месец.

Трамп на Твитер објави дека ваквата одлуката ја донел поради делумната блокада на работата на Федералната администрација.

– Поради непопустливоста на демократите во поглед на граничната безбедност и големото значење на безбедноста во нашата земја, го откажувам своето многу важно патување во Давос на Светскиот економски форум, напиша Трамп на Твитер.

Се очекува Трамп денеска од Тексас да порача дека земјата се соочува со криза која единствено може да се реши со издвојување милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико.

Поради спорот околу финансирањето на ѕидот, работата на владините институции делумно е блокирана веќе 20 дена, па стотици илјади Американци работат без плата, додека Трамп и неговите републиканци „се борат“ со демократите кои не сакаат да го одобрат неговото барање за 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот.

Планот на Трамп за изградба на ѕид на јужната граница беше негово главно ветување за време на претседателската кампања во 2016 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2019 00:28