Познатите француски новинари Никола Доменек и Морис Сафран во книгата „Убиецот и поетот”,се обидуваат преку серија на разговори со претседателот на Франција, Емануел Макрон да ја откријат тајната што го доведе да биде станар во Елисејската палата.
Никола Доменек не веруваше дека „во опкружувањето на (поранешниот француски претседател) Франсоа Оланд, мислеле оти можат да се справат со Емануел Mакрон. – Во суштина, тоа е приказна за измамениот измамникот. Оланд бил убеден дека пред целта ќе го стави (Макрон) во џебот, вели Доменек.
Во „Убиецот и поетот“, се открива дека луѓе блиски на Оланд го опишувале идниот претседател како „салонско цвеќе“. – Во суштина, тој одлично се претставуваше, беше шармантен, тој, исто така, го измами Франсоа Оланд, тој е боа заводничка, додава Доменек.
Морис Сафран пак во книгата открива дека Оланд го сакал Maкрон. – Тој беше како негов син. Имаше вистинска врска помеѓу нив. Блиските на поранешниот претседател го предупредуваа, но тој никогаш не сакаше да ги слуша, наведува Сафран.
Оланд, според авторите на книгата, очигледно е клучната фигура во подемот на Макрон. Но, во книга се открива и дека претседателот на времето имал нервен слом. – Ова е она што го слушнавме од неколку негови многу блиски луѓе, кои ја подготвуваа кампањата, како тој да бил изгаснат одвнатре, вели Доменек.
– Емануел Mакрон не беше нечесен со Франсоа Оланд. Тој го виде она што се случуваше во Франција. Она што зачудува е тоа што тој не го гледа она што сега се случува во Франција (со „жолтите елеци“), додека пред една година совршено сфати дека земјата беше целосно опустошена на политичко ниво, додава Сафран.
Зошто Доменек го нарекува Емануел Макрон „боа заводничка”?. – Бидејќи тој ве гледа длабоко во очите, очи в очи и не ве пушта повеќе. Тоа не е сексуално заведување, тоа е заведување врз основа на која тој успева да ве убеди, објаснува тој.
И сега, дали претседателот на Франција по победата на изборите се опи од успехот? Ова е теоријата што ја брани Никола Доменек.
– Тоа е очигледно. Тоа се случува со сите претседатели. Планинарите велат дека над 8.000 метри е зона на смртта. Елисејската палата е многу повисоко. Постои транс, пијанство кое ја зафаќа нивната главата, тој победи против сите, па сега не слуша никого, бидејќи беше во право против сите, вели новинарот.
Според Сафран, овој феномен се случува редовно, па и тогаш кога постои опкружување околу претседателот. – Кај Макрон се поставува прашањето за искуството на неговото опкружување и квалитетот. Неговите претходници имаа извонредни опкружувања, но тие повеќе не ги слушаа, вели новинарот.
За жал новинарите ја завршуваат книгата пред епизодата со „жолтите елеци“, но сепак посочуваат дека кај Макрон „вчерашните квалитети, сега станаа недостатоци“.
– Неговата спонтаност сега се смета за непријатност, одлучноста за тврдоглавост, храброста за некомпетентност, неговата умешност за несмасност, висината за мртовечница, неговиот авторитет за авторитаризам, острината за бруталност, неговата духовитост за несвесност, неговата младост за неискуство, пишуваат авторите на книгата.
Тие, исто така, разговарале и со неговата сопруга Брижит, која според нив, стравува од „ефектот на секта“, односно од опкружувањето кое во време на неволји може да се обиде да го сведе само на блиските од раните денови на походот кон Елисејската палата.
Авторите на крајот на книгата цитираат една доверлива исповед на Mакрон пред Тиери Солер, кој премина од редовите на партијата Републиканците во неговата Република во движење (РЕМ): „Ако тргне наопаку, ќе завршам полошо од Франсоа Оланд, ако го завршам мојот мандат”.
Од оваа книга исто така може да се дознае и што мисли сегашниот француски претседател за неговите двајца претходници – Никола Саркози и Франсоа Оланд. – Никола Саркози? Тој може да биде корисен за мене. Тој има брзо претчувство!, смета Макрон
– Додека за Оланд… од почетокот на мандатот, сфативме дека неговиот поранешен министер за економија избра кој му е поомилен. Тоа е Саркози, ручеци, вечери, па дури и претставничка мисија во странство. На Оланд тој не сака да му дава подароци, наведуваат авторите на делото.
Но, ни Франсоа Оланд не е воздржан во критиките на својот наследник и остро ја проценува „и мислата и практиката” на Макрон. – Но, ова оддалечување на Mакрон од Оланд, на почетокот на мандатот беше првенствено резултат на политичката пресметка за смирување на кампања во однос на десницата, додаваат Доменек и Сафран.
Авторите на книгата тука откриваат уште една од многуте политички причини за ваквиот однос на Макрон кон Оланд, која тој им ја доверил. – Оланд е лидер на Социјалистичката партија од сенка. Освен него нема никој друг. Пустина. Не смее да му се даде воздух за дишење. Ако Оланд беше надвор од играта, јас ќе му го дадев заслужениот третман, изјавил Макрон.
– Мислењето на Макрон првпат е остро и ни покажува дека тој е многу по пресметлив политичар, отколку што може да се верува. Поетот исто така е и убиец, зааклучуваат авторите на книгата.
Тони Гламчески