Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Ријад изјави дека заканата на претседателот Доналд Трамп дека економски ќе ја уништи Турција ако таа ги нападне курдските сили во Сирија, нема да ги смени плановите за повлекување на американските трупи од таму.

Помпео додаде дека заканата на Трамп ја покажува и приврзаноста на САД кон своите партнери.

Курдите се американски сојузник во борбата против Исламска држава и ги контролираат северните делови на Сирија. Претходно, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека по повлекување на американските трупи од регионот, ќе се пресмета со курдската милиција.

На прашањето што Трамп мисли под „економско уништување, Помпео наведе дека за тоа ќе мора да го прашаат американскиот претседател.

– Имаме применето економски санкции на многу места, претпоставувам дека мисли на такво нешто. Ќе мора него да го прашате, посочи Помпео.

Американскиот дрќавен секретар истакна дека Трамп нема да ја смени одлуката за повлекување на американски војници од Сирија.

Трамп на Твитер напиша и дека треба да се запрат бесконечните војни.

– Исто така, не сакам Курдите да ја предизвикуваат Турција. Русија, Иран и Сирија ќе имаат најголема корист од долгорочната американска политика за уништување на ИД во Сирија, природните непријатели. Исто така и ние имаме корист, но сега е време да ги донесеме нашите трупи дома. Запрете ги бесконечните војни!, истакна Трамп.

Коалицијата против ИД, предводена од САД, во петокот почна процес на повлекување од Сирија.

Во Сирија распоредени се околу 2.000 војници.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2019 13:55