Полицијата во Латвија заплени повеќе од два тона кокаин и уапси пет лица во меѓународна операција, чија цел било блокада на транзитните рути за наркотици.

– Ова е најголемата количина кокаин запленета во Латвија, изјави денеска шефот на Криминалистичката полиција, Андреј Гришин.

Според него, пронајдени се 2.195 вреќички кокаин во 42 кутии со банани од Еквадор.

Во операцијата се уапсени петмина Латвијци, од кои тројца се затворени, а за двајца има ограничување пред судење кое не предвидува затворање.

Запленетиот кокаин вреди околу 65 милиони евра.

– Оваа пратка не била наменета за нашиот пазар. Латвија и балтичките држави често се користат за транспорт на наркотици, како транзитни земји за скандинавските држави и Истокот. И Русија е евентуален пазар. Истрагата ќе покаже, рече Гришин.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2019 18:07