Русија продолжи со флагрантно кршење на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ), соопштија американските власти по средбата на американските и руските дипломати во Женева.
– Состанокот беше разочарувачки бидејќи е јасно дека Русија продолжува флагрантно да го крши Договорот, изјави Андреа Томпсон, претставничка на Стејт департментот задолжена за контрола на вооружувањето и прашањата за меѓународна безбедност.
Таа додаде дека Русија не објаснила како ќе се врати на „интегрално и доверливо почитување на обврските“ од ИНФ.
Помошникот на шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков по состанокот со американските дипломати наведе дека САД „во целост“ ќе бидат одговорни за поништување на Договорот.
– Јасно гледаме дека САД сакаат да одат до крај во намерата да го уништат Договорот, посочи Рјабков.
Американскиот претседател Доналд Трамп во октомври се закани дека САД ќе се повлечат од ИНФ. САД во декември упатија ултиматум до Русија дека и даваат 60 дена да го почитува Договорот, а во спротивно ќе се повлечат од ИНФ. Трамп ја обвини Русија дека го крши Договорот, а Москва демантираше.
Договорот за нуклеарни сили со среден дострел од време на Студената војна забранува крстосувачки ракети лансирани од земја со дострел од 500 до 5.500 километри. Договорот во 1987 година го потпишаа тогашните претседатели на САД и на Русија, Роналд Реган и Михаил Горбачов.