Конгресот на Венецуела, кој е под контрола на опозицијата, го прогласи за незаконски претседателскиот мандат на Николас Мадуро.
Со тоа земјата е чекор поблиски до распишување на предвремени избори.
Во резолуцијата, Мадуро е обвинет за „узурпација“ на моќта, а исто така се наведува дека актите од неговата администрација нема повеќе да имаат законски овластувања.
Во втората резолуција се бара армијата да биде лојална на Парламентот и на припадниците на вооружените сили кои поддржуваат преодна влада да им се понуди заштита.
Но, иако ослабнат поради економскиот колапс на Венецуела, Мадуро засега има поддршка од генералите и други владини институции, вклучително и судовите, кои претходно за неважечки ги прогласуваа постапките на Народното собрание.