Опсадата на хотелскиот комплекс во Најроби заврши по речиси 20 часа, а напаѓачите се убиени, изјави утрово преседателот на Кенија, Ухуру Кенијата.

Тој истакна дека се елиминирани екстремистите од Ал Шабаб, кои го извршија напад, при што загинаа најмалку 14 луѓе.

– Можам да потврдам дека безбедносната операција во комплексот Дусит заврши и сите терористи се елиминирани, посочи Кенијата.

Тој додаде дека настрадаа „14 невини жртви“ и оти над 700 луѓе се евакуирани од одморалиштето во зората, додека траел нападот.

Според кенискиот Црвен крст при нападот убиени се 24 луѓе. Претходно, полицијата соопшти дека најмалку 15 луѓе загинаа во вчерашниот терористички напад врз луксузниот хотелски комплекс во Најроби. Меѓу жртвите се и еден Британец и еден Американец, 11 се државјани на Кенија, а на две лица се уште не им е утврден идентитетот.

Нападот врз луксузниот хотелски комплекс „ДуситД2“ го извршија припадници на терористичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, кои фрлија бомби врз возилата на паркингот, а потоа влегоа во предворјето на хотелот, каде еден од нив го активира експлозивот што го имал на себе. Потоа напаѓачите отворија оган.

Ал Шабаб тврди дека при нападот се убиени 47 лица, додека кениските власти се уште немаат соопштено дека напаѓачите се убиени, уапсени или побегнале.

На видео снимка се гледаат најмалку четворица напаѓачи.

Неименуван сомалиски дипломат изјави дека за време на нападот во хотелот биле претставници на сомалиската власт.

Седиштето на Ал Шабаб, која презеде одговорност за нападот, е во Сомалија. Терористичката група во 2013 година изврши напад врз трговскиот центар Вестгејт во Најроби, при што загинаа 67 луѓе.

Вчерашниот напад уследи откако во понеделникот кенискиот суд одлучи да им суди на тројца осомничени мажи дека биле вклучени во нападот врз трговскиот центар Вестгејт.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2019 12:15