Германскиот вицеканцелар Олаф Шолц, по синоќешното отфрлање на договорот за Брегзит во британскиот Парламент, на Твитер објави дека тоа е „тажен ден за Европа“.

Во меѓувреме, шефот на германската дипломатија Хајко Мас изјави дека нема многу време за изнаоѓање на решение за излез на Велика Британија од Европска унија и оти „помина времето за игра“.

Тој додаде дека се потребни преговори за „бекстоп“ односно за одредба која подразбира отворена граница помеѓу Северна Ирска и Република Ирска.

За евентуално пролонгирање на датумот за излез на Велика Британија од ЕУ, Мас посочи дека Унијата „конструктивно ќе го разгледа“ тоа прашање, ако и биде доставено.

И лидерката на Христијанско демократската унија (ЦДУ) Анегрет Крамп-Каренбауер на Твитер изрази „искрено жалење“ поради одлуката на британскиот Парламент, истакнувајќи оти „тврд Брегзит е најлоша опција“.

Долниот дом на британскиот Парламент синоќа со 432 гласа „против“ и 202 „за“, го отфрли Договорот за излез на Велика Британија од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата на премиерката Тереза Меј и Брисел.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2019 12:22