Поради споделена објава на социјалната мрежа Фејсбук од страна на А.Б. (36) од Куманово, со која предизвикал загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија и поради ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, односно поради основано сомнение за сторено кривично дело по чл.144 „Загрозување на сигурност“ и по чл.394-г „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од Кривичниот законик на РМ, од МВР информираат дека против А.Б. ќе биде поднесена кривична пријава.

По наредба на Основното јавно обвинителство- Куманово А.Б. на 15 јануари 2019 година е повикан на службен разговор во полициска станица, а одземени се и предмети со цел прибирање на докази. По документирање на случајот, против А.Б. ќе биде поднесена кривична пријава.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи, соопштуваат од МВР.

Оттаму ги повикуваат сите граѓани кои се изложени или сведочат на вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2019 16:18