Поранешната десна рака на Никола Саркози, Клод Геан, е осуден на една година затвор во случајот со премиите во готово на Министерството за внатрешни работи, откако беше отфрлена неговата жалба пред Касацаиониот (Врховниот) суд, јавува дописникот на МИА.

Во пресудата Касациониот суд ја потврдува казната на две години затвор, од кое една година е условна казна изречена на 23 јануари 2017 од страна на Апелациски суд во Париз против поранешниот висок државен службеник.

Во овој случај на злоупотреба на јавни средства, поранешниот министер за внатрешни работи, беше осуден на 75.000 евра парична казна и забрана за вршење на било каква јавна функција во период од пет години. Пресудата на година дена затвор, не значи дека поранешниот министер ќе замине на издржување на затворската казна, со оглед дека издржувањето на казните до две години можат да бидат уредени.

Геан, беше осуден, бидејќи додека беше министер, земал пари во готово од пликот наменет за трошоците за истрагите на полицијата. Според обвинението, меѓу 2002 и 2004 година, додека тој беше директор на кабинетот на Никола Саркози, кога Саркози беше министер за внатрешни работи, Гена си земал месечно по 5.000 евра во готово, покрај неговата редовна плата од 8.000 евра и надоместоците од 2.200 евра.

Врховниот суд, исто така, ги отфрли жалбите на поранешниот директор на националната полиција Мишел Годин и на Даниел Канепа поранешен соработник, во кабинетот на Клод Геан кога беше министер за внатрешни работи.

Овие случаи се однесуваат исто така на парични премии кои секој месец си ги делеа членовите на кабинетот на Никола Саркози кога тој беше во Министерството за натрешни работи. Станува збор за вкупно 210.000 евра, или 10.000 евра месечно исплатени во периодот меѓу 2002 и 2004 година од страна на Мишел Годин Клод Геан. Истрагата утврди дека тој ја задржал половината од сумата, а другата половина им ја делел на тројца свои соработници Канепа, Мишел Каму и Жерар Чуаселан, исто така осудени.

Пред судот, Клод Геан, се бранеше зборувајќи за „пракса, која се спроведувала во Министерството”, и тој се уште смета дека таа не е „неправилна”.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2019 17:52