Шведскиот Парламент денеска го избра лидерот на Социјалдемократската работничка партија (САП), Стефан Ловен за премиер на Шведска, јави ДПА.

Со изборот на Ловен се става крај на четиримесечната политичка криза во која западна Шведска по изборите одржани лани во септември, на кои ниту еден од двата големи блока не освои мнозинство во Парламентот.

Ловен, кој е на чело на шведската Влада од октомври 2014 година, по ланските избори поднесе оставка на функцијата и од тогаш беше вршител на должноста премиер.

Реизборот на Ловен уследи откако минатата недела социјалдемократите постигнаа договор со Партијата на центарот и Либералите за формирање нова Влада.

Партијата на центарот (Ц) и Либералите (Л) на септемвриските избори беа дел од десноцентристичкиот блок предводен од конзервативната Умерена партија (М) на Улф Кристершон, но претходниве месеци одбија да ги поддржат неговите обиди за формирање малцинска влада, која би зависела од поддршката на екстремо десничарската и антимигрантска партија Шведски демократи (СД).

Согласно договорот, новата влада на Ловен ќе биде малцинска, составена од неговата САП и Еколошката партија на зелените (МП), но ќе биде поддржана од центристите и либералите.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2019 11:44