Постизборната криза во Демократска Република Конго е една од главните точки на денешниот министерски состанок за надворешни работи на ЕУ, јавува дописничката на МИА во Брисел.

Откако изборната комисија на Конго го прогласи Феликс Чисекеди за победник на декемвриските претседателски избори, кризата не стивнува во оваа кревка африканска држава. Уставниот Суд на Конго застана зад кандидатот Мартин Фајулу, кој смета дека е победник на овие избори, проценка која е во согласност со бројните предизборни анкети кои покажуваа јасна предност за Фајулу.

Министрите за надворешни работи на ЕУ на денешниот состанок во Брисел ќе разговараат за излез од постизборната криза во земјата.

Повеќе африкански шефови на држави изразија “сериозен сомнеж“ за изборните резултати што ги прогласи изборната комисија на Конго. ЕУ го поддржа овој став и повика на изнаоѓање консензус за да се излезе од кризата.

Европска делегација ќе отпатува во Киншаса наскоро со обид да им помогне на властите да се договорат.

Освен изборите во Конго, на дневниот ред на министерскиот состанок во Брисел денеска се и изборите во Венецуела, чии резултати не ги признава меѓународната заедница, откако Никола Мадуро беше прогласен за победник. Министрите ќе разговараат и за Никарагва.

Советот ќе разговара и за соработката со земјите од Арапската Лига, за Сирија и за соработка за земјите од Азија.

За крај се предвидува дискусија за надворешниот аспект на дезинформацијата.

Во овој дел, тие треба да ги разгледаат предлозите на Европската Комисија за воведување систем за брзо информирање и меѓународна соработка во оваа област. ЕУ треба да ги зголеми и капацитетите за одговор и третирање на лажните вести кои доаѓаат од Русија, но и од Кина и Иран.

Дипломатите предупредуваат дека ЕУ мора да изготви план во наредните недели или месеци, односно пред претстојните избори за Европскиот Парламент.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2019 12:14