Американскиот државен секретар Мајк Помпео и турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу денеска телефонски разговараа за повлекувањето на војниците на САД од Сирија и за билатерални прашања, соопшти претставник на Министерството за надворешни работи на Турција.

Минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе ја повлечат војската од Сирија.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пак, денеска му порача на Трамп дека Турција е подготвена веднаш да преземе контрола над северниот сириски град Манбиџ.

Во соопштение од Кабинетот на турскиот претседател се наведува дека двајцата лидери утрово телефонски разговарале за состојбата во градот Манбиџ во северна Сирија.

Овој сириски град, што е под контрола на силите на сириските Курди, кои имаат поддршка од САД, а кои Турција ги смета за терористи, беше причина на тензии меѓу Анкара и Вашингтон.

Турција инсистира на повлекување од градот на борците на сириските Курди, кои го ослободи Манбиџ од џихадистичката група Исламска држава (ИД) во 2016 година.

Ердоган, исто така, минатонеделниот напад на Манбиџ, во кој загинаа четворица Американци, го нарече провокација која има за цел да влијае за промена на одлуката на САД да се повлече од Сирија.

Во денешното соопштение се наведува и дека Трамп и Ердоган се согласиле нивните воени шефови да ги забрзаат консултациите за создавање безбедносна зона во североисточна Сирија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 10:02