Триесетдневен притвор доби 48-годишно лице од село Стојаково откако при претрес во неговиот дом, на 30.10.2018 година, била пронајдено околу шест килограми наркотична дрога – марихуана, спакувана во 12 полиетиленски пакувања со различна нето маса.

Основното јавно обвинителство во Велес донесело наредба за спроведување истражна постапка против него поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

-При претрес во домот на осомничениот на 30.10.2018 година било утврдено дека тој кај себе неовластено заради продажба држел околу шест килограми наркотична дрога – марихуана, спакувана во 12 полиетиленски пакувања со различна нето маса. Пакувањата биле пронајдени во бела јутена вреќа во плакарот во една од собите. Претресот бил извршен од страна на овластени службени лица од Полициска станица Гевгелија, по наредба на судија на претходна постапка од Основен суд Гевгелија, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвнинителство.

Ценејќи го фактот дека се исполнети законските основи, а имајќи ја предвид и висината на запретената казна за предметното кривично дело, фактот дека осомничениот повеќепати е осудуван за ист вид на кривични дела, како и можноста тој да влијае врз сведоци, Основното јавно обвинителство Велес до судијата на претходна постапка од Основен суд Велес поднесел и предлог за определување притвор за осомничениот.

Предлогот, како што велат од Обвинителството, е прифатен и на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 10:56