Резултатите на последниот Евробарометар за перцепцијата на антисемитизмот во ЕУ покажуваат драстични разлики помеѓу припадниците на еврејската заедница и другите, јави дописничката на МИА во Брисел.

Анкетата е нарачана од Европската Комисија која иницираше план за борба против антисемитизмот во ЕУ.

Според резултатите на анкетата на Евробарометарот, 89 отсто од Евреите во ЕУ забележуваат „значаен раст“ на антисемитизмот во последните пет години, додека кај другите заедници оваа бројка изнесува 36 отсто.

Перцепцијата е различна и од земја до земја. Па така, граѓаните кои сметаат највеќе дека расте омразата кон Евреите се оние во кои еврејската заедница е голема и во земјите каде нападите врз припадници на еврејската заедница зачестија последните години, како Шведска (82 отсто), Франција (72 отсто), но и во Германија, Холандија, Италија, Велика Британија и Белгија.

Мнозинството Европејци знаат дека поттикнувањето омраза и насилство против Евреите е кривично дело во нивната земја, но помалку од половина знаат дека негирањето на Холокаустот е исто така казниво дело. Само 40 отсто од Европејците сметаат дека доволно се учи за Холокаустот во училиштата.

Евробарометарот посочува и дека само три отсто од европските граѓани се сметаат како добро информирани за еврејската историја и обичаи.

Антисемитизмот е дефиниран како “одредена перцепција на Евреите која може да се изрази преку омраза кон Евреите“, според Меѓународната Алијанса за спомен на Холокаустот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 11:16