Мигрантите и бегалците можат да бидат подложни на преносливи и непреносливи, како и хронични болести, поради сиромаштија или промена на животниот стил со намалени физички активности и помалку конзумирање здрава храна, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).

Во својот прв извештај за здравствената состојба на бегалците и мигрантите во Европскиот регион на СЗО, оваа организација на ОН за јавно здравје ги собра последните достапни докази за нивното здравје од повеќе од 13.000 документи.

Во извештајот се наведува дека мигрантите и бегалците го менуваат својот животен стил со помалку физичка активност и конзумирање нездрава храна, што би можело да го зголеми ризикот од хронични болести.

Како што се посочува, процесот на раселување може да ги направи бегалците и мигрантите поранливи на заразни болести.

– На пример, учеството на бегалците и мигрантите кај случаи на туберкулоза во земјите домаќини варира во зависност од преваленцата на туберкулоза кај локалното население, а значителен број мигранти и бегалци кои се ХИВ позитивни се заразени со овој вирус по пристигнувањето во Европа, се наведува во извештајот.

Општо земено, бегалците и мигрантите имаат повисока инциденца во стапката на смртност од дијабетес отколку населението на земјите домаќини, додека, пак, тие бројки се повеќе изразени кај жените.

Затоа, СЗО предлага листа на активности за земјите домаќини, како што се обезбедување квалитетна и достапна здравствена заштита, како и социјална заштита за сите бегалци и мигранти, без оглед на нивниот правен статус.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 17:53