Германија донесе одлука да го суспендира своето учество на поморската мисија „Софија“ на ЕУ, чија задача е спречување на илегалниот транспорт на мигранти преку Средоземното Море, јави ДПА.

Според извори на агенцијата во Владата во Берлин, во иднина ниту еден германски брод нема да учествува во оваа мисија.

Причините за ваквата одлука на германската Влада засега не се познати.

Операцијата „Софија“ започна во 2015 година со цел да ги спречи шверцерите на луѓе во илегалниот транпсорт на мигранти од африканскиот брег до Европа.

Покрај ова, мисијата има за цел и да ги обучува припадниците на либиската крајбрежна стража во справувањето со шверцерите на луѓе, како и да го контролира почитувањето на ембарго за извоз на оружје во Либија.

Сегашниот мандат на мисијата беше обновен лани во декември и тој истекува кон крајот на март.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 18:47