Во рамки на манифестацијата „АртАреа“ вечер од 20.30 часот во Кино Култура ќе биде промовиран романот „Пливање спротиводно“ од Ненад Јолдески, кој е 168. издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“.
Академик Катица Ќулавкова во поговорот на книгата пишува дека Јолдески ги покажува своите вештини на опишување на урбаните и природните амбиенти и пејзажи, особено оние што го сигнализираат нескриено присуството на Струга и струшкото крајбрежје.
-Тој ни нуди едноставна, но современа нарација што е интимно поврзана со неговото струшко-македонско ментално битие од каде што тој поаѓа во освојување на книжевниот свет и каде што се враќа за да му даде смисла на тој свој свет. Се враќа постојано назад, а всушност продолжува напред, преосмислувајќи ги парадигмите на враќањето врз параболата на јагулите. Раскажувајќи ја македонската сага врз предлошката на јагулите, на Охридско Езеро на Дрим. Река што не исчезнува, пишува Ќулавкова во поговорот.
Ненад Јолдески е автор на две книги раскази – „Штамата на Енхалон“ (2009) и „Секој со своето езеро“ (2012) и е добитник на Европската награда за книжевност во 2016 година. За новата книга, краткиот роман „Пливање спротиводно“, со Јолдески на промоцијата вечер ќе разговара Андреј Јованчевски.