Индиската компанија од автомобилската индустрија „Малхотра“ ќе гради фабрика во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2. Тоа е 12. инвестиција во зоните во Скопје во изминатите година и половина, во кој период во останатиот дел од државата се реализираат уште пет нови инвестиции, кои во прва фаза овозможуваат 1100 вработувања, со заокружување на градбите 4300, изјави денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Малхотра“ е една од четирите нови странски инвестиции најавени викендот на трибина на Владата во Велес. Одлуката за доделување земјиште на индискиот инвеститор треба да биде усвоена на денешната седница на Владата.

Индискиот инвеститор на македонскиот пазар влегува во конзорциум со јапонска компанија. Ќе произведуваат кабли за автомобилската индустрија, односно ќе обезбедуваат суровина за сите останати фабрики во Македонија кои прават кабли за оваа индустрија. Ова ќе биде голема инвестиција која ќе започне во следниот период, рече Анѓушев, при увидот на активностите за изградба на капацитетот на американската компанија „Дура“ во ТИРЗ „Скопје 2“.

Фабриката на „Дура“, посочи вицепремиерот, е една од најголемите инвестиции во зоните. Се гради хала од 18.000 метри квадратни, а во вториот дел ќе има и проширување.

Според Анѓушев, новите инвестиции во вкупен износ од 150 милиони евра и 1100 вработувања во почетните фази се показател дека Владата е посветена на индустријализација на државата за раст на економијата.

– Во ТИРЗ Скопје претходно имаше 10 странски инвестици, сега само во период од година и половина имаме 12 нови странски инвестици кои се градат. ТИРЗ Скопје практично е едно големо градилиште каде покрај тешките зимски услови за градење, градбата не престанува. Во оваа зона ќе бидат реализирани 12 нови инвестици, плус дополнителни пет инвестици во другите делови во Македонија. Вкупната инвестиција е 150 милиони евра само во новите капацитети, со 1100 вработувања во прва фаза, кој број по завршување на сите градби вкупниот треба да биде околу 4300, рече Анѓушев.

Владата е и ќе биде посветена, како што дополни, на силна индустријализација на државата бидејќи само тоа може да доведе до раст на БДП и поквалитетен живот на граѓаните.

– Сите останати изјави дека во Македонија не се гради и нема нови фабрики се само за дневно политички потреби. Економијата се гради само со стабилна политика одржлива на долг рок, каква што развиваме преку Законот за поддршка на инвестиците, со рамноправни мерки за странските и за домашните инвеститори, наведе Анѓушев, дополнувајќи дека со тој Закон се поддржани и 250 домашни компании во зоните низ целата држава.

Уделот на фабриките од технолошките индустриски развојни зони во вкупниот извоз на државата изнесува 45 проценти, а годинава се проектира да надмине 50 проценти.

– Минатата година имавме рекорден извоз од зоните, во износ од 2,427 милијарди евра, а увозот изнесувал 2,084 милијарди евра. Порастот на извозот од зоните е околу 20 проценти што значи дека серизоно се работи. Сите овие фабрики растат, не само овие што ги најавуваме туку и постоечките најавуваат нови фази, некои втора, некои трета фаза, исто така инфраструктурно ги зајакнуваме зоните, изјави Александар Младеновски, директор на Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони.

Годинава треба да заврши уредувањето на постоечките зони и да стартува изградбата на нова, трета зона во Бунарџик која ќе биде со површина од 48 хектари. Во зоните Скопје 1 и 2 се останати слободни само неколку парцели, а ТИРЗ Скопје 2 веќе се проширува со 140.000 метри квадратни.

– Во ТИРЗ Прилеп има сериозен напредок има во изведбата на клучката на влезот, се финилизира вододовната мрежа и канализацискиот систем, ќе стартува гасификацијата во зоната во Штип, а во Струмица треба да почне изведбата на терминалот. Во напредна фаза е и клучката во зоната во Струга, каде се заврпува и водоводот, а во Кичево се заокружува внатрешната инфраструктура, информира Младеновски.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2019 14:55