Рударот кој беше повреден изутрината во една од јамите на рудникот за олово и цинк „Саса“ во Македонска Каменица се здобил со лесна телесна повреда, и нема никакви скрешници или крвавења, соопштија од „Саса“.

Оттаму велат дека, постапувајќи согласно процедурите за безбедност и здравје при работа, работникот веднаш по повредата бил прегледан од дежурното медицинско лице во амбулантата на рудникот, по што со амбулантно возило на „Саса“ бил пренесен во Клиничката болница во Штип на понатамошни испитувања.

Спроведените лекарски прегледи потврдиле дека се работи за лесна телесна повреда, без никакви скршеници или крварења. Лекарите констатирале дека ваквата повреда не се очекува да остави последици врз здравјето и работоспособноста на пациентот и дека тој за неколку дена се очекува да се врати на своето работно место, соопштуваат од „Саса“.

За настанот, стои во соопштението, се известени сите надлежни органи, како и раководството на рудникот „Саса“, кое согласно процедурите за безбедност и здравје при работа во компанијата, ги преземаат сите неопходни дејствија за утврдување на сите околности кои довеле до овој настан.

Од СВР Штип претходно информираа дека во несреќата што се случила во 6:30 часот изутрината во рударска јама, рударот бил притиснат на градниот кош од рударска машина.

Веднаш на самото место е пристигната Итната медицинска помош од Македонска Каменица, по што рударот е хоспитализиран прво во Кочанската болница, а потоа во Штипската клиничка болница.

За настанот известен е јавен обвинител од Делчево и државен трудов инспектор кои треба да извршат увид на местото на настанот во рудникот „Саса“ во Македонска Каменица.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2019 17:33