Две лица се тешко, а шест полесно повредени во вкупно 11 сообраќајни незгоди случени во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на СВР Скопје. Во четири сообраќајки била причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека изминатото деноноќие сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Санкционирани се 71 возач кои се движеле со брзина поголема од дозволената, четири возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, тројца возачи кои не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, шест возачи за неправилно престројување, четири возачи за неправилно престигнување, како и шест возачи за не поседување зимска опрема во возилата.

Санкциониран бил и еден пешак кој поминал коловоз вон пешачки премин, а затекнати биле 114 непрописно паркирани возила.

Од сообраќај биле исклучени тројца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 17 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, како и седум нерегистрирани возила. Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 82 возило.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2019 10:46