Почнува искористувањето на пет милиони евра, што Владата ги обезбеди за наредните две години со цел да го стави во целосна функција Хирдосистемот „Злетовица, што е најсовремениот систем за водоснабдување во земјава.
Директорот на Управата за водоснабдување, Славe Арсовски денеска во Пробиштип токму на оваа тема, односно кога ќе почне искористувањето на средствата и кои проекти веќе можат да се финансираат имаше разговори и со градоначалниците на Штип, Свети Николе, Лозово, Карбинци и Пробиштип.
Арсовски рече дека годинава на располагање се вкупно 3.500.000 евра, а останатите 1.500.000 евра ќе се користат наредната година. На општините Лозово и Карбинци потребно им е целосна изградба на пречистителни станици, дополнителни километри цевковод, како и пристапни патишта, на Штип му е потребна опрема за да ја приспособи постоечката Филтер станица за прием на водата од цевководот од ХС „Злетовица“, Свети Николе бара проширување на капацитетот и реконструкција на станица. Единствено Пробиштип нема да ги користи овие средства од Владата, бидејќи минатата година обезбеди грант од Р. Словенија и од Владата на Р. Македонија од 1.200.000 евра за зголемување на капацитетот на пречистителната станица за вода за пиење и за обзебедување на техничка вода за бизнис секторот.
-Следниот чекор е во рок од четири до пет дена до Министерството за земјоделство, шумарство и водостппанство да се достават кои проекти, односно техничка документација им е готова за да се распишат тендерските постапки, за да ги ставиме во планот за јавни набавки. На пример Општина Лозово веќе има текхничка документација за пристапниот пат за пречистителната станица. Значи подготвена е таа документација, некои доцнат во изготвувањето на некоја техничка документација, но имаат обврски по Акцискиот план, вели Арсовски.
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски истакна дека во рок од 10 дена ќе биде готов проектот, за тоа каква опрема ќе биде потребна за филтер станица за приемот на водата, бидејќи Штип ќе биде најголемиот корисник, со испорака на вода за пиење од 200 до 310 литри во секунда.
-Знаете дека имаме филтер станица, што веќе е реконструирана и таа станица е приспособена да повлече дел од водата од ХС „Злетовица“, но ние при неколку обиди, што ги правевме во изминатата година имаме одредени проблеми со смирување на водата, а таа потешко може и да се преработи. Така што сега бараме решенија пред се од проектантите, од професионалците да ни укажат со каков проект треба да се подобри ова, рече Бочварски.
Општина Карбинци деновиве ќе ја достави документацијата за изградба на пристапен пат до новата Филтер станица, што треба да се изгради годинава. Градоначалникот Јордан Насев забележува дека документацијата за пречистителната станица ќе биде готова за еден до два месеца.
-Во Карбинци е планирано да се изгради пречистителна станица, 18 километри цевковод до постоечките резервоари, собирен резервоар од 200 м/3, пристапен пат од 2,3 километри, тој е спремен за да се објави тендер и да се почне со изградбата на тој пристапен пат, а со тоа жителите на Карбинци ќе добијат чиста вода за пиење, со прием на околу 40 литри во секунда, ќе бидат опфатени вкупно 12 населени места или од овој систем со вода ќе се снабдуваат 83 отсто од жителите, вели Насев.
Хидросистемот „Злетовица“ е проектиран за да обезбеди вода за пиење за пет општини, но засега водата ја примаат само општините Пробиштип и Свети Николе.