Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против З.К.(46) и неговата сопруга В.К.(44) од Штип, организатори на криминална група, која вршела продажба на хероин на подрачјето на Штип и Радовиш.

Имено, на 29.01.2019 година, на подрачјето на СВР Штип од страна на Одделот за криминалистичка полиција во координација со СВР Штип извршен е претрес во домот на З.К., каде е пронајден хероин вкупно околу 180 грама и истиот е затекнат во моментот на препакување на дрогата. Во врска со овој случај, соопшти денеска МВР, од слобода се лишени и други 12 лица и извршени се претреси на домови на неколку локации во Штип, и против нив дополнително ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Против З.К. и В.К. СВР Штип до ОЈО Штип поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“.

Од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена.

Во врска со истиот случај, се посочува во соопштението, во текот на месецов од слобода се лишени уште две лица, кои веќе се наоѓаат во притвор.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2019 15:40