Проблемот со трговијата со луѓе не треба да се разгледува само како криминогена појава, туку повеќе да се вклучиме во анализа на социо-економските причини зошто е присутна и да се даде одговор за причините за неговата појава во насока за успешна превенција. Ова е клучната порака од денешната четвртата сесија на Работната група 4 – правда, слободи и безбеднист (поглавје 24) на тема „Нови форми на превенција и борба против трговијата со луѓе“, на Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија, како форум за подготовка на четирите поглавја што се дел од европската агенда.

Трговијата со луѓе, се уште, се сфаќа како закана и се третира како изолиран општествен и криминален феномен. Потребно е значително повеќе да се дејствува во превенцијата и елиминација на претпоставките за негово настанување, постои потреба од поширока дебата за трговијата во контекст на стратегии за намалување на сиромаштијата, одржлив развој, политиката за превенција за различните форми на дискриминација и миграциска политика, се само дел од деветте предлог – препораки од Националната конвенција до Владата за справување со овој феномен.

– Без посилна одржлива политика за поголема превенција и вклученост на институциите што имаат надлежност во борбата против трговијата со луѓе и може да ги решат суштинските причини што доведуваат до трговијата со луѓе, успешна акција не е возможна, е една од клучните препораки презентирани на работилницата.

Во една од препораките се посочува дека постои недостиг на соработка и координација меѓу различните институции и различните владини планови за акција на штета на превентивната работа на трговијата со луѓе, а нема и анализа за врската меѓу трговијата со луѓе, пазарите на трудот и принудната работа.

Република Македонија подолго време беше земја и на потекло и на транзит во однос на трговија со луѓе, подвлече Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР, но во поново време, посочи, се забележува зголемен процент на трговија со луѓе од аспект на домашна трговија со луѓе.

– Новите форми се трговија со луѓе заради трудова експлоатација, што предизвика потреба од дополнителна едукација на оние категории луѓе кои треба да ја препознаат, а тоа се трудовите инспектори, изјави Несторовска.

За помалку од шест месеци, информира, се идентификуавни девет лица жртви на трговија со луѓе и голем број потенцијални жртви. Тоа, според неа, покажува дека се менува односот и на полицијата, но и на целата заедница. Таа потенцира дека МВР вложува многу внимание во едуцирање на полициските службеници, но и на сите субјекти кои се наоѓаат во ланецот на трговија со луѓе, во смисла на нивно откривање, превенирање и борба со овој феномен.

Зузана Ватралова, од Меѓународната организација за миграции – Братислава, која веќе 16 години работи на овој феномен, говореше за словачките искуства, при што истакна дека е многу важно да се здружат сите напори во државата во однос на работата, финансиие, се со цел да се подобри борбата против трговијата со луѓе. Потребна е соработка и координирани заеднички напори на сите државните инсттитуции што имаат надлежности во трговијата со луѓе со НВО, граѓанскиот сектор, меѓународните организации. Словачка, рече, се уште е земја на потекло, во мал процент земја на транзит, но се повеќе станува земја како последна дестинација.

– Во моментот најмногу е застапена трудовата експлоатација, присилни бракови, но и сексуалната експлоатација, изјави меѓу другото Ватралова.

Гордана Смаќоска, раководител на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, Јавен обвинител во Основното јавно обвинителство на РМ за организиран криминал и корупција, информира дека се постигнати огромни резултати за период од една година од формирањето на единицата.

Порача дека во борбата против трговијата со луѓе треба да се менува свеста низ поголема едукација на младите, особено оние од ранливите категории, како и поголема медиумска застапеност во борбата со трговија, како еден вид превенција.

Таа напомена дека со оглед на тоа дека живееме во мултиетничко општество, при борбата со трговијата со луѓе се соочуваат и со проблем во насока на обичајното право во руралните средини или кај некои етнички заедници. Напомена дека се среќаваат со проблем кога жртвата не се чуствува како жртва и при нивното сведочење ја прифаќаат положбата во која се наоѓаат. Честопати сме во неможност, истакна, да добиеме исказ дека се работи за трговија со луѓе.

– Во овој период имаме една успешна меѓународна акција, каде се откри наша меѓународна група која криумчареше мигранти до САД и до Канада. Во тек е постапка, и не би говорела за тоа, рече Смаќоска во поглед на акцијата спроведена од страна на националната единица, која има четири регионални центри во земјава.

Мобилните тимови составени од социјални работници, инспектори и психолози, кои први стапуваат во контакт и добиваат сознанија за потенцијалните жртви на трговија со луѓе, потенцира таа, се една од клучните алки за функционирање и успешноста на Националната единица.

Љупчо Маркудов, раководител на единицата за борба против трговија со луѓе- МВР подвлече дека со оваа поставеност на Националната единица е добиена проактивноста, за разлика од претходно кога, рече, немавме увид не само на целата територија на државата, туку и на Град Скопје

Според него, раното идентификување е многу важно кога се работи за борбата со трговија со луѓе.

– Насочени сме кон идентификување жртви меѓу самите илегални мигранти, што досега беше работа на колегите од граничната полиција, на социјалните работници или на граѓанските здруженија, изјави меѓу другото Маркудов.

Информира дека се водат и финансиски истраги за организираните криминални групи сторители на овие кривични дела за одземањње на нелегално стекнатиот имот. Посочи дека се соочуваат со проблеми што се софистицирани, несоработка, културолошки, проблем со преведувачите на јазикот на илегалните мигранти, како и недовребата кон полициските службеници.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2019 14:04