Петгодишно девојче починало синоќа на Универзитетската Клиника за детски болести каде било донесено по тридневно лекување на Институтот за белодробни заболувања во Козле, како последица на влошување на состојбата при инфицираност од пандемски грип Х3Н1, соопштија денеска од Клиниката.

-Во текот на вчерашниот ден на Клиниката е примено девојче на возраст од пет години од Скопје, кое претходните три дена се лекувало од вирусна пневмонија во Институтот за белодробни заболувања Козле. Поради влошување на состојбата со појава на невролошки симптоми (пореметена свест, конвулзии) детето е префрлено на Клиника и првично примено на одделот за неврологија. Веднаш е свикан конзилиум, земени се лабораториски иследувања и поради тешката состојба со засегнување на мозокот и црниот дроб, префрлено е на одделот за интензивна нега и терапија. Лабораториски се потврди пандемски грип – H3N1 Influenca A, наведуваат од Клиниката.

На детето му била дадена терапија со тамифлу, антибиотска терапија, кислородна поддршка, хепатопротективна терапија, антиконвулзивна терапија, интравенски имуноглобулини, плазма и друга специфична терапија. Поради влошување на респираторните симптоми, се посочува, детето е интубирано, но и покрај сите преземени мерки починало во 23.30 часот после 13 часа престој на Клиниката.

Детето претходно често се следело и лекувало во Институтот во Козле и на Клиника со дијагноза астма, стои во соопштението од Детската клиника.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2019 16:21