Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против 26-годишниот К.А.Р.О. од Екваторска Гвинеја, со живеалиште во Шпанија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“, казниво по член 247 став 1 и став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Како што денеска информира МВР, пријавениот во мај и јуни 2018 година пресретнал електронска комуникација на компанија од Македонија и компанија од Италија и со лажно прикажување и прикривање на факти испратил невалидна фактура со своја банкарска сметка во Шпанија, со што на компанијата од Македонија и нанел штета во износ од 47.953 евра.

Тој, со лажна емаил адреса, во име на директорот на фирмата од Македонија стапил во контакт со италијанската компанија и ја сменил фактурата за наплата, по што испратил и своја банкарска сметка во Шпанија. По преземени мерки и соработка со службите во Италија и Шпанија било утврдено дека на домеинот на фирмата од Македонија било пристапувано од три различни ИП адреси, сопственост на телекомуникациски оператори од САД.

Исто така, со заеднички активности било утврдено дека сопственик на сметката во Шпанија е пријавениот К.А.Р.О.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2019 02:48