Секогаш кога пишуваме за чудесниот Исланд, пишуваме за неверојатни убавини, гејзери, поларна светлина и слични нешта што ни се на памет кога го споменуваме овој далечен и мал, но туристички многу привлечен – остров. Но, овој пат малку погледнавме во историјата и прочитавме повеќе за необичните закони кои некогаш (или се уште) биле во сила. Па, да почнеме со приказната …

Кучиња

Далечната 1924 властите на жителите на главниот град Рејкјавик им забраниле да имаат куче за да се спречат потенцијални зарази. Забраната требало да го минимизира ризикот од добивање кучешка тенија, која се проширила на луѓето во осумдесеттите години од 19-от век. Денес во Рејкјавик е дозволено да се чуваат кучиња, но сите сопственици мора да се придржуваат до строго пропишани здравствени услови.

Рептили

На Исланд е илегално да се поседуваат како миленичиња змии, гуштери и желки, поради што во минатото имало многу случаи за обид на шверц на наведените животни во земјата. Целата приказна почна во деведесетите, кога еден Исланѓанец од „шверцувана“ желка добил салмонела. Причината за волку строг закон лежи и во заштитата на исландските коњи од секаква инфекција, на што тие се многу подложни. Така и коњите кои го напуштаат Исланд повеќе никогаш не се враќаат, а не е дозволен ниту увоз на други видови.

Алкохол

Алкохолните пијалоци биле забранети во 1915, но 20 години подоцна биле легализирани. Тоа и не би било толку чудно ако беше легализирано и пивото, но тоа стана легално дури во 1989 година! Наводно причината за илегалноста на пивото лежи во Данците. Исланѓаните по одвојувањето од Данска сакале да направат свој национален идентитет, а пиењето пиво се сметало за дански обичај. Денес Денот на пивото се слави на 1 март затоа што тогаш пивото најпосле излегло од сенка и станало легално.

Телевизија

Ако го посетевте Исланд во 1966 година, ќе забележавте дека во четврток не се емитува ништо на државната, тогаш единствена, телевизија. Зад тоа стоела идејата дека тој ден е резервиран за социјализација и дружење, а забраната продолжила се до јули, кога било одлучено целиот седми месец телевизијата воопшто да не емитува програма. Имено, јули се сметал за месец за годишен одмор, па од локалците се очекувало времето да го поминуваат надвор, а не пред телевизор. На крајот, во четврток продолжила да се емитува програма дури во 1983, а четири години подоцна Исланѓаните можеле да видат како изгледа и јулска ТВ програма.

Баскијци

На почетокот од 17-от век три баскиски китоловци се насукале на северозападниот брег на Исланд. Осумдесет преживеани членови на екипажот се нашле во мало село без храна, што ги натерало да го ограбуваат локалното население. Тогаш бил донесен закон според кој секој може да убие Баскиец кога ќе види, а верувале или не, во сила останал се до 2015 година.

Punkufer.hr



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2019 11:04