Советските власти самите ја осудија крвавата окупација на СССР на Авганистан, но 30 години подоцна одредени кругови во Русија на Владимир Путин се обидуваат да гледаат на операцијата во попозитивно светло.

По една деценија воена интервенција, за да ја зајакне комунистичката Влада во Кабул против исламистичките борци, СССР конечно ги повлече своите последни трупи на 15 февруари 1989 година.

Повлекувањето, кое го нареди советскиот лидер Михаил Горбачов, беше понижувачки пораз за Кремљ и помогна за негово распаѓање.

Михаил Кожухов, кој известуваше за конфликтот како дописник на весникот „Комсомолскаја правда“, се сеќава како последните руски војници си заминуваат без радост или горчина.

– Војниците сонуваа само едно: да се вратат дома здрави и добри, изјави 62-годишниот Кожухов.

Репортерот се сеќава на преминување на Мостот на пријателството преку реката Аму Дарја, која го одвојувала Авганистан од тогашниот советски Узбекистан, во претпоследното оклопно возило од последниот советски конвој.

Во едно од оклопните возила беше телото на 20-годишниот Игор Лјахович, убиен еден ден претходно и официјално последниот од повеќе од 14.000 советски војници кои загинаа во конфликтот, во кој загинаа повеќе од еден милион Авганистанци.

– По патот, можевте да ги видите „духовите“ (така Русите ги нарекуваа муџахедините), кои се симнаа од планините за да го гледаат нашето повлекување од далеку, рече Кожухов.

– Очите на жителите на селото покриено со снег беа исполнети со омраза или злоба, бидејќи беа оставени на милост на судбината, рече Кожухов.

Новинарот, кој кусо време беше и секретар за печат на Путин во 1999 и 2000 година, вели дека „интервенцијата во Авганистан отсекогаш била трагична и бесмислена“.

Оживување на советското минато

Интервенцијата беше исклучително непопуларна за советската јавност и беше официјално осудена во 1989 година во екот на политиката “гласност“ на Горбачов.

Сега, сепак, оваа проценка се преразгледува под притисок на ветераните.

Путин во 2015 година се чини дека ја поддржа интервенцијата, велејќи дека советското раководство се обидувало да се соочи со „реалните закани“, иако признава дека „имало многу грешки“.

Кон крајот на јануари руска парламентарна комисија за одбрана поддржа предлог-резолуција во која се вели дека „моралната и политичка осуда на одлуката за испраќање советски војници“ е „против принципите на историската правда“.

Советските трупи им помогнаа на авганистанските власти да се борат со „терористички и екстремистички групи“ и ја ограничија растечката закана за безбедноста на СССР, се вели во нацрт-резолуцијата.

Сепак, нацрт-резолуцијата допрва треба да се гласа, што ја одразува неподготвеноста на властите официјално да ја разгледаат оваа трауматизирачка епизода.

Историчарката Ирина Штербакова, од групата за заштита на човекови права „Меморијал“, вели дека, во време на растечки тензии со западните сили во последните години, „Русија го оживува своето советско минато, за да го оправда своето ново противење на Западот“.

Без напалм

За политичкиот аналитичар Петар Акопов од про-Кремљ-сајтот „Взгляд“ (Поглед), „на поранешните борци и целото руско општество им треба оправдување за таа војна“.

– Немаме за што да се извинуваме, не користевме напалм … и дури успеавме да го напуштиме Авганистан со нашите поддржувачи, што Американците никогаш не успеаја да го направат.

Александар Ковалов, претседател на асоцијацијата на поранешни борци за регионот на Заедницата на Независни Држави (ЗНД), вклучувајќи ги и повеќето поранешни советски држави, инсистира на тоа дека инвазијата на Авганистан е оправдана и, осудувајќи го Горбачов, тврди дека првиот и последниот советски претседател „ги предал сите мртви“.

– Без нашите војници, Американците ќе ги распоредеа своите ракети насочени кон Москва, рече тој.

– Горбачов имаше право да ја заврши таа војна, но требаше да продолжиме да го поддржуваме Кабул со потребните оружја, за да се спротивстави, рече Ковалов, кој бил заменик-командар, одговорен за политичкиот дел на армискиот полк, испратен да го гарантира повлекувањето.

Константин Волков замина за Авганистан кон крајот на 1981 година како војник на 17 годишна возраст, полн со ентузијазам поради информациите во советските медиуми.

Тој бил одговорен за радиокомуникациите, учествувал во 70 мисии и бил награден за пресретнување на кореспонденција помеѓу муџахедините.

Демобилизиран во 1983 година во добро физичко здравје, тој вели дека војната 15 години го следела во соништата.

Тој е ракоположен за руски православен свештеник и сега е отец Константин. Во неговата црква во село надвор од Москва, околу 30 од неговите „авганци“ (советски ветерани) се собираат секој 15 февруари.

– Им предлагам на поранешните пријатели, да изразат каење и да не мислите повеќе за она што се случило во таа војна, рече тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2019 10:24