Парламентот изрази загриженост во врска со нарушувањата на правата на жените и рамноправност на половите во неколку држави-членки, во Резолуција усвоена денеска.
Во оваа деценија сме сведоци на видливи и организирани прекршувања против родовата еднаквост и женските права, вклучувајќи ја и ЕУ, а особено во некои земји членки, се наведува во Резолуцијата усвоена со 395 гласови „за“, 157 гласови „против“ и 62 „воздржани“.
Европарламентрците забележуваат дека по својата природа, интензитетот и влијанието на непријателските реакции против правата на жените се разликуваат меѓу земјите-членки, при што некои случаи остануваат на ниво на реторика, додека други се изразуваат преку конкретни мерки.
Европарламентарците изразија загриженост во однос на многу области како:
Насилство врз основа на пол и семејно насилство: европратениците потенцираат дека се зголемува бројот на жени-жртви на семејно насилство во ЕУ и го поттикнуваат Советот целосно да ја имплементира Истанбулската конвенција и да ја поддржи нејзината ратификација во земјите-членки;
Пристап до правда: пратениците забележуваат дека жртвите на насилство, врз основа на пол, често имаат ограничен пристап до правда и соодветна заштита. Тие ги повикуваат земјите-членки да обезбедат правна помош за сите жртви, со цел да се стави крај на неказнивоста и да се подобри известувањето за таквите кривични дела;
Здравје и репродуктивни права на жените: европратениците изразуваат загриженост за тоа дека противниците на репродуктивните права и самостојноста на жените имаат значително влијание врз националното законодавство и политиките, кои се стремат да наметнат ограничување на правата на жените и пристап до контрацепција и абортус. Тие ја повикуваат Комисијата да се вклучи во промовирање и подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје и права во следната Стратегија за јавно здравје;
Пристап до финансирање: европратениците се загрижени за намалувањето на ресурсите што им се на располагање на организациите за правата на жените и женските прифатилишта во многу земји-членки. Тие ги повикуваат земјите-членки да обезбедат доволно финансиски ресурси и да инсистираат на тоа дека пристапот до овие средства треба да вклучува помалку бирократија и да биде недискриминаторски во однос на целите и активностите на организациите;
НВО: пратениците ја истакнуваат тенденцијата во некои држави членки паралелно да се создаваат невладини организации, кои се состојат од провладини лица. Тие ја истакнуваат важноста на критичко, разновидно и невладино опкружување за организациите за женските права и за родова еднаквост.