Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати девет милиони евра за субвенции на 15.208 лозари за одржување на лозови насади, информираше денеска во Струмица министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на работната средба со земјоделци од Струмичкиот регион.

-Како што ветивме, пред почетокот на новата производствена реколта, ден пред празникот Свети Трифун, Платежната агенција исплати близу девет милиони евра на 15.208 лозари. Овие пари директно се враќаат кај лозарите, за да ги вложат во новото поизводство, за да произведат квалитетно грозје за производство на нашето познато македонско вино, изјави Николовски.

Тој потсети дека кон средината на следниот месец ќе започне исплатата на долгот што го имаат дел од винарниците кои биле регистрирани во МЗШВ за откуп во периодот од 2014 до 2016 година, а не им го платиле откупеното грозје на лозарите. Паралелно, Платежната агенција започнува со обработка на решенијата за исплата на дополнителната субвенција од еден денари по килограм откупено грозје од винарниците за винско грозје од 2018, и истата ќе биде исплатена по обработката на решенијата.

Николовски посочи дека и оваа година во новата Програма за директни плаќања, продолжувa поддршката за лозарите со развоен потенцијал, односно 20 отсто повисоки субвенции за лозарите со насади од еден до 10 хектари, кои наместо 44.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар, како и субвенцијата од 12.000 денари по хектар за промена на сортиментот.

Годинава е зголемена и поддршката за промоција на македонските вина на меѓународните саеми, а дополнително се воведува и мерката за евтина зелена нафта, преку која лозарите ќе добијат помош за порентабилно производство.

За модернизирање и развој на оваа гранка важни се инвестициите кои што ги нудат мерките од ИПАРД 2 Програмата. Конкретно, мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ нуди можност за 60 отсто кофинансирање од висината на инвестицијата за подигнување на лозови насади и набавка на систем капка по капка, а мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи нуди 50 отсто кофинансирање на инвестиции за изградба на винарници, набавка на опрема и друго.

Покрај министерот Николовски на работниот состанок присуствуваа директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Благој Индов, градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, градоначалници на општини од Струмичкиот регион и директори на јавни претпријатија кои се под министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2019 14:20